Денков: Бугарија во моментов нема други барања кон Македонија

Во својот говор од Европскиот парламент, бугарскиот премиер Николај Денков ги коментираше односите на неговата земја со Македонија, потсетувајќи дека Бугарија е првата земја во светот што ја призна нашата земја како независна европска држава, пишува Телеграф Македонија.

„За жал, со текот на годините нашите односи се влошија и мислам дека Бугарија не е виновна за тоа. Затоа, сакам јасно да кажам дека Бугарија во моментов нема други барања кон Македонија, освен оние дефинирани со одлуката на Европската Унија минатата година“, заклучи Денков, нагласувајќи дека Македонија мора да го исполни договорот.

Тој додаде дека не прифаќа никакви критики за неговата земја по ова прашање.

Ваквата изјава на Денков доаѓа откако дел од европратениците побараа од Софија да го отвори патот за влез на Скопје во ЕУ, за чија европска определба нема дилема, бидејќи за да ги отвори вратите за преговори го смени и името.