Денеска може да биде „Денот Д“ за украинскиот претседател Володимир Зеленски . Американскиот претседател Доналд Трамп е решен да го спроведе својот „мировен план“ за Украина и најави дека американските и руските претставници ќе се сретнат денеска во Минхен, додавајќи дека е поканета и Украина . Еден од клучните луѓе на Трамп можеби ќе задоцни на тој состанок, бидејќи имал лоша среќа со авионот, но доаѓањето на Марко Рубио во Минхен секако се очекува…
Сите чекаат да ги слушнат деталите за мировниот план на Трамп, на кој се противат европските лидери. Во Берлин, Брисел, Париз и Лондон, се поголем број гласови, некои од нив лути, го предупредуваат американскиот претседател дека согласувањето со барањата на Владимир Путин за територии би било само „смирување“. Тоа е термин кој се користи за опишување на неуспешните дипломатски напори во предвечерието на избувнувањето на Втората светска војна, кога тие не успеаја да го спречат Хитлер.
Изненадувањето на Западот од новиот став на САД дојде поради одлуката на Трамп да ја исклучи Украина од членството во НАТО, да им забрани на американските трупи да одржуваат мир и да ја отфрли целта на Киев да ја врати нејзината земја, која Русија ја окупира од 2014 година. Украина и нејзините сојузници нагласуваат дека нема да поддржат никаков договор склучен од Русија и САД без украинскиот претседател Зеленски. Европејците инсистираат дека и тие мора да бидат вклучени.
„Јасно е дека каков било договор зад наш грб нема да успее. Ви требаат Европејците, ви требаат Украинците“, рече високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас на маргините на состанокот на министрите на НАТО.
„Зошто им даваме сè што сакаат уште пред да започнат преговорите? Тоа е смирување. Никогаш не успеа“, додаде Калас.
Предлогот на Трамп ги налути и Британците. Британскиот пратеник Дејвид Рид рече дека историјата „постојано покажува дека смирувањето не функционира“.
„Оваа војна мора да заврши според условите на Украина, сè помалку би било предавство и директна закана за европската безбедност“, рече Рид за Политико .
Дури и британскиот премиер Кир Стармер, кој се обиде да одржува добри односи со Трамп, одби да ги одобри деталите од американскиот план. Стармер истакна дека не може да има преговори за Украина доколку не се вклучи Украина. Британскиот премиер инсистира Украина да биде на патот кон членство во НАТО, на што Путин жестоко се противи.
Каја Калас, исто така, смета дека членството на Украина во НАТО е „најсилна“ и „најевтина“ безбедносна гаранција на располагање. Таа посочи дека војната ќе продолжи со европска поддршка доколку Зеленски биде исклучен од преговорите.
„Ако има договор зад нашиот грб, тоа едноставно нема да функционира“, рече таа, додавајќи дека „Украинците ќе се спротивстават, а ние ќе ги поддржиме“.
Самиот Володимир Зеленски вчера повтори дека нема да прифати мировен договор без Украина на маса.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет се обиде да ги смири сите на крајот од самитот на НАТО во Брисел, велејќи дека во разговорите ќе бидат вклучени и Русија и Украина.
Кремљ соопшти дека Украина ќе биде дел од преговорите „вака или онака“, но ќе има „билатерална руско-американска патека“. Сè уште не е познато каква улога би можеле да имаат Европската унија или Обединетото Кралство.
Зеленски не е сечиј број 1.
Сепак, не сите во Европа го поддржуваат Киев со истиот жар. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја исмеа изјавата на Каја Калас во која таа рече дека европските сили ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.
„Позицијата на Брисел, да поддржува убиства колку што е потребно, е морално и политички неприфатлива. Додека Трамп и Путин преговараат за мир, претставниците на ЕУ даваат безвредни изјави“, рече Орбан.
Еден европски дипломат, сепак, рече дека многумина се загрижени дека на Трамп не може да му се верува да постигне договор со Путин.
„Трамп е несмасен преговарач. Тој ќе и признае луди работи на Русија. Општиот впечаток е дека Американците главно го зафркуваат процесот“, рече европски дипломат кој сакаше да остане анонимен.
За потсетување, Зеленски денеска во Минхен се очекува да се сретне со потпретседателот на Трамп, Џеј Ди Венс. Пораката од Киев во пресрет на средбата беше многу јасна.
„Украина не очекува разговори со руската страна во петок во Минхен и верува дека на САД, Европа и Украина им е потребен заеднички став пред разговорите со Москва“, рече советникот за комуникации на претседателот Зеленски.