Ден на жалост во Бугарија, Србија и БиХ во знак на солидарност со земјава по трагедијата во Кочани

Во знак на сочувство со семејставата на настраданите во трагедијата во Кочани и солидарност со земјава, денеска е Ден на жалост во Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина. Вчера по повод трагедијата ден на жалост беше во Црна Гора.

Владата на Бугарија, како што пренесоа тамошните медиуми, со одлука го прогласија 18 март 2025 година за Ден на национална жалост во Бугарија во спомен на жртвите кои ги загубија животите во Кочани.

Со одлука на Владата на Србија, како што објави РТС, денеска е Ден на жалост и во Србија поради големиот пожар во Кочани, во кој животите ги загубија 59 лица, а повеќе од 150 се повредени.

На државните институции и установите, националното знаме на Србија е спуштено на половина копје, а медиумите и културните установи се должни своите програми да ги прилагодат на Денот на жалост.

Во земјава денеска е втор ден од седумдневната жалост за настраданите во трагедијата во Кочани. За време на седумдневната жалост што ја прогласи Владата, знамињата се на половина копје, откажани се сите музички, забавни активности и настаните во установите од областа на културата, а прилагодена е и програмата на медиумите. Отворени се книги на жалост во Собранието, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и во македонските амбасади низ светот.