Десетгодишно момче во Газа почина поради неисхранетост

– Десетгодишното палестинско момче Јазан ал-Кафарнех почина од тешка глад среде израелската блокада и напад врз Појасот Газа.

„Денеска го изгубив детето по десет дена во болница поради неисхранетост. Здравјето на мојот син брзо се влоши и тој ослабе додека не стана скелет“, изјави мајката на момчето за Aнадолу додека престојуваше во болницата Јусеф ал-Наџар во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

Според неговото семејство, Јазан достигнал точка каде што му била потребна посебна храна и нутриенти за да остане жив откако изгубил толку многу телесна тежина.

Неговата мајка ни не замислила дека ќе го види своето дете како умира од глад во нејзините раце.

„Мојот син сега е во рајот, но никогаш не замислував дека ќе стигнеме до оваа фаза“, рече мајката, чие семејство беше раселено од Беит Ханун на северот на Газа во Рафа на јужниот дел на енклавата.

Кога Израел им нареди на милион жители на северна Газа да се преселат на југ, групите за заштита на човековите права предупредија дека тоа, заедно со блокадата, ќе доведе до хуманитарна катастрофа.

„Мојата порака до светот е да ги погледне децата во Газа и да види како нивните животи се промениле“, изјави мајката на момчето.

Таткото на момчето апелираше до Светската здравствена организација да ги реши потребите на палестинските деца кои се соочуваат со неисхранетост во Газа.

„Се надеваме дека оваа војна ќе заврши наскоро за да им овозможиме на нашите деца да јадат храна и да водат здрав живот“, додаде тој.

Најмалку 16 деца починале од дехидрација и неисхранетост во северниот дел на Појасот Газа за време на израелската опсада на тоа подрачје, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.