Детали за грабежот во Лувр: Крадците имале механички лифт, скали и моторни пили, а сето тоа траело седум минути
Скапоцени камења од „непроценлива вредност“ и бројни други предмети беа украдени од Лувр во Париз утрово од сторители кои избегаа од местото на настанот, а најпосетуваниот музеј во светот објави дека денес ќе остане затворен поради „вонредни причини“.
Според француските медиуми, во утринскиот грабеж е украден дел од накитот од Наполеонската колекција, а откриени се и деталите за операцијата.
Инцидентот се случил помеѓу 9:30 и 9:40 часот наутро, кога сторителите влегле во музејот што се наоѓа во срцето на француската престолнина, украле неколку уметнички предмети и избегале.
Нивниот плен беше „непроценлив“, рече министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.
Тој за француските медиуми изјави дека крадците, „тројца или четворица од нив“, ја извршиле операцијата за „седум минути“.
Тие влегоа во Музејот користејќи скали за да влезат директно во галеријата Аполо, каде што се фокусираа на две витрини, рече министерот.
Отворена е истрага за организирана кражба и планирање за извршување кривично дело, а истрагата е доверена на „Бригадата за сузбивање на бандитизам (BRB) на Одделот за кривични истраги, со поддршка на Централната канцеларија за борба против трговијата со културни добра (OCBC)“, изјавија од канцеларијата на парискиот обвинител за AFP, додавајќи дека точната штета „моментално се проценува“.
Фокусот на истрагата е на југоисточниот агол од зградата со поглед на реката Сена. Видлива е голема скала, слична на онаа што се гледа на противпожарен камион.
Тие беа сместени на механички лифт, од типот што се користи низ целиот Париз за доставување мебел до становите на горните катови.
Врвот на скалите го допира балконот и се чини дека така тројцата крадци добиле пристап до еден од горните катови, пишува Би-Би-Си.
Тие биле вооружени со мали моторни пили, според полициски извор. По нивното бегство бил пронајден и скутер.
Француската министерка за култура Рашида Дати објави на X дека имало „грабеж“ утрото на отворањето на Лувр, музејот во кој се наоѓа познатата слика на Леонардо да Винчи, Мона Лиза.
„Грабежот се случи утрово за време на отворањето на музејот Лувр. Нема извештаи за повредени. Јас сум на местото на настанот со вработените во музејот и полицијата. Истрагата е во тек“, напиша министерот, на кого на местото на настанот му се придружи и министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.
Лувр, кој во 2024 година примил речиси 9 милиони посетители, од кои 80 проценти биле странци, објави на X дека денес ќе остане „затворен од вонредни причини“.