Дејвид Бекам и Гари Невил, поранешни репрезентативци на Англија и поранешни соиграчи од Манчестер Јунајтед, го купија фудбалскиот клуб Салфорд Сити, кој се натпреварува во англиската Лига Два.
Оваа аквизиција на Салфорд беше направена како дел од нов конзорциум, кој вети дека ќе инвестира значителни средства во развојот на клубот, објавува „Атлетик“.
Бекам и Невил веќе беа ко-сопственици на клубот од северозападна Англија, заедно со други поранешни соиграчи од Јунајтед, вклучувајќи ги Ники Бат, Рајан Гигс, Фил Невил и Пол Скоулс, но споменатите фудбалери се откажаа од своите акции.

Откако мнозинскиот сопственик Питер Лим го напушти клубот во 2024 година, Бекам и Невил поминаа месеци барајќи инвестициски партнери кои би можеле да му дадат на Салфорд најголема шанса за успех на теренот и надвор од него.
На крајот, тие одлучија да ги здружат силите со Деклан Кели, основач на американската консултантска фирма „Консело“, и Лорд Мервин Дејвис, претседател на Националната тениска асоцијација на Велика Британија.
Двајцата ќе бидат копретседатели на одборот на Салфорд.