Де Геа понижен од Јунајтед

Шпанскиот голман Давид де Геа од денеска официјално е слободен агент откако заврши неговиот договор со Манчестер Јунајтед, а токму за денеска е закажана и неговата венчавка со долгогодишната девојка Едурне.

На неколку часа пред церемонијата, како што тврдат британските медиуми, до него дошло лудо барање од Манчестер Јунајтед кој со ова покажа нефер третман кон играчот што во моментов има најдолг стаж во клубот. Со оглед на тоа што се уште немаат замена за Де Геа, „ѓаволите“ од него побарале тој уште некое време да не потпишува договор за друг клуб за во случај да не најдат нов голман, повторно да го ангажираат него.

Се разбира ова е само молба и од Де Геа зависи дали ќе прифати, но со самото тоа Јунајтед покажа дека не го цени доволно човекот кој остана на Олд Трафорд 12 години. Ова е втор ваков потег на Јунајтед кон Шпанецот ова лето. Пред неколку недели, клубот му понуди нов договор со намалена плата од 375 на 200 илјади фунти неделно за само денови потоа да му соопшти дека и таа понуда не важи, без тој да даде одговор дали ја прифаќа или не.

Сето ова се случува поради незадоволството на Ерик Тен Хаг од Давид де Геа и желбата во новата сезона да ангажира нов играч на голманската позиција.