ДЗС: Раст на БДП во вториот квартал од 3,4 проценти

Државниот завод за статистика денес објави дека бруто домашниот производ е зголемен за 3,4 проценти во вториот квартал од 2025 година во споредба со вториот квартал од 2024 година.

Во вториот квартал од 2025 година, најголем раст е забележан во секторите: Градежништво од 7,3 проценти, Трговија на големо и мало: поправка на моторни возила и мотоцикли: Транспорт и складирање: Сместување и угостителски дејности од 6,0 проценти и Рударство и вадење камен; Индустриско производство: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; Снабдување со вода; третман на отпадни води, управување со отпад и дејности за подобрување на животната средина од 3,9 проценти.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во вториот квартал од 2025 година, номинално се зголеми за 6,1 процент, а нејзиното учество во структурата на бруто домашниот производ е 68,5 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и услуги номинално се зголеми за 6,4 проценти, а увозот на стоки и услуги исто така номинално се зголеми за 7,3 проценти.

Според сезонски и календарски прилагодените податоци, стапката на раст на бруто домашниот производ во вториот квартал од 2025 година во споредба со вториот квартал од 2024 година е 3,2 проценти, се наведува во соопштението на ДЗС.