На вчерашното емитување на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува“ гостуваше професорот Орце Симов, кој нагласи дека дигиталната трансформација е неопходна за Македонија и носи значителни придобивки – подобри јавни услуги, намалена корупција и полесен пристап за граѓаните. Тој укажа дека земјата заостанува, со индекс на дигитализација од 35, далеку под европскиот просек. Симов додаде и дека паралелно со дигитализацијата мора да се развива и сајбер безбедноста и Законот за сајбер безбедност е клучен, бидејќи со растечката онлајн активност растат и ризиците, а без адекватна заштита, дигитализацијата може да доведе до сериозни последици и потребни се инвестиции во опрема, знаење и постојана едукација.
„Дигиталната трансформација е неопходност за Македонија како држава, а и неопходност е за компаниите коишто работат во Македонија. Дигиталната трансформација носи многу бенефит за граѓаните, за стопанството, така што јасен е патот кон дигиталната афирмација. Тоа ќе овозможи многу подобри услуги и оптимални услуги за граѓаните и стопанството. Изминатиот период, изминатите 4 години, живееме низ времиња на кризи, прво ја имавме здравствената криза, потоа дојде енергетската криза, па финансиска криза, сега зборуваме за криза за трошоци за живот каде што стандардот на граѓаните се намалува, затоа што платите растат многу поспоро од тоа што растат трошоците“, кажа Симов.
Симов истакна дека се прават студии на овие теми и истражувањата покажуваат дека државите со повисоко ниво на дигитална трансформација полесно се справуваат со економски и финансиски кризи и бележат посилен економски раст. Тој додаде дека ЕУ извештајот за 2021 – 2023 покажува дека Македонија е на последното место по дигитализација со индекс 35, далеку под европскиот просек од 70. Според него, дигиталната трансформација е неопходна за подобрување на услугите, намалување на корупцијата и олеснување на пристапот за граѓаните преку онлајн платформи.
„Нема дилема дека ние треба да одиме кон дигитална трансформација на државните институции, затоа што тоа ќе овозможи оптимални услуги за функционирање и многу полесно и самите граѓани да пристапуваат и да ги добиваат услугите. Ќе се намали нивото на корупција, нема да се оди во институции, нема да се троши време да се патува со автомобил од една до друга институција, туку услугите ќе бидат достапни преку компјутер или мобилен телефон“, изјави Симов.
Симов напомена дека Законот за сајбер безбедност ќе игра клучна улога во заштитата на граѓаните и институциите, особено поради сè поголемата интеграција меѓу реалниот и дигиталниот свет. Тој посочи и дека како што расте користењето на интернет-сервиси, мобилно банкарство и размена на лични податоци преку мрежата, растат и ризиците – од нарушување на приватноста до финансиски загуби и прекин на системи и затоа сајбер безбедноста мора да оди рака под рака со дигиталната трансформација.
„Законот за сајбер безбедност сигурно дека ќе помогне, тој ги адресира важните прашања во оваа област. Сајбер безбедноста ќе биде прашање што ќе биде сè повеќе и повеќе клучно во иднината. Затоа што интеграцијата помеѓу реалниот свет и сајбер просторот сè повеќе и повеќе ќе се зголемува, луѓето сè повеќе значителен дел од нивниот живот и тоа што го прават во животот го извршуваат во сајбер просторот преку компјутерите, преку мобилни телефони. Банкарството сè повеќе се користи преку мобилни телефони, луѓето ставаат разни информации, материјали за нив, добиваат голем број на информации преку уреди коишто се поврзани на светската мрежа, користат сè повеќе сервиси од таа мрежа“, посочи Симов.
Симов додаде и дека информациските системи се ранливи бидејќи се достапни преку интернет од било каде во светот, што отвора можност за сајбер напади и поради тоа дигиталната трансформација мора да оди паралелно со развој на сајбер безбедност. Тој потенцираше дека без соодветна заштита, дигитализацијата носи сериозни ризици и потребна е континуирана едукација, инвестиции во техничка опрема, знаење и подигнување на свесноста за сајбер заканите.
„Информациските средства се достапни преку интернет и може до нив да биде пристапено од било која точка на земјината топка и сето тоа ги прави на некој начин ранливи, односно врз нив да биде извршен напад од било која држава. Дигиталната трансформација треба паралелно да оди со сајбер безбедност. Дигитална трансформација без сајбер безбедност ќе биде пат кон сигурна катастрофа. Со самото тоа што сè поголемата интеграција помеѓу реалниот свет и дигиталниот свет носи свои опасности, треба да се зголемува едукацијата на тој план и треба да се инвестира и во соодветна техничка опрема, но и знаење, и свесноста секогаш за овие напади да се држи на високо ниво“, заклучи Симов.