“ДИКТАТОР, НЕ ЈА РАЗБИРА ИСТОРИЈАТА!“ – Албин Курти со нови тешки обвинувања против Александар Вучиќ: “Во Брисел кажа дека Милан Радоичиќ ќе стане српскиот Адем Јашари!“

Продолжуваат обвинувањата на релација Белград-Приштина по избувнувањето на новите тензии на северот на Косово.

Премиерот на Косово, Албин Курти, во својата нова објава на социјалните мрежи наведува дека српскиот претседател е „диктатор“, но и опседнат со врховниот командант на ОВК, Адем Јашари.

Александар Вучиќ на 24. септември сакаше православниот манастир Бањска да го претвори во ‘Кула Јашари’ за косовските Срби“, објави синоќа Албин Курти на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Тој тврди и дека на средбата одржана во Брисел на 2. мај, српскиот претседател наводно рекол дека Милан Радоичиќ ќе стане српскиот Адем Јашари.

Но, како диктатор, тој не ја разбира историјата: Еповите и ослободувањето не се измислуваат и копираат“, пишува Албин Курти.

Албин Курти изјави и дека Косово е демократска држава и прозападна земја и дека на Србите не им треба „ослободување“.

На Србите во Косово не им треба ослободување од Република Косово, туку од терористичките орудија на Србија“, изјави Албин Курти со пораката – „кој се интегрира, живее подобро“.

Новите обвинувања на косовскиот премиер кон српскиот претседател доаѓаат по новото заострување на односите меѓу Белград и Приштина, поради конфликтот во Бањска.

Бањска, Косово

Во неделата рано наутро во ова село во општина Звечан во заседа загина наредник на косовската полиција, а двајца полицајци се ранети. Во меѓувреме, во близина на манастирот Бањска, меѓу вооружени и маскирани напаѓачи и косовската полиција продолжи конфликтот, кој траеше до вечерните часови.

Александар Вучиќ прв пат и се обрати на јавноста за настаните во Бањска дури по завршувањето на конфликтот, односно вечерта во неделата.

Тогаш од Белград стигнаа првите официјални информации дека се работи за група Срби, но, како што вели Александар Вучиќ, не оние од централна Србија, туку оние од Косово и Метохија.

Се побунија затоа што повеќе не сакаа да го трпат теророт на Албин Курти… паднаа на неговите провокации“, изјави Александар Вучиќ.

Од друга страна, тој ги негираше обвинувањата на Приштина дека официјален Белград има некаква врска со тоа, наведувајќи дека косовскиот премиер е всушност „главниот виновник“ за се што се случува на Косово.

Меѓутоа, во следните денови, претставници на Приштина продолжија да го обвинуваат официјален Белград за вмешаност во, како што тие го дефинираа, терористички напад, но со наводи дека го извршил потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свеќља претходниот ден објави видео, наводно од неделата, на кое наводно се гледа Милан Радоичиќ во маскирна униформа и тешко вооружен пред манастирот во Бањска.