Лекар од Босна и Херцеговина ги закопал коските на жртвата од Сребреница во својот двор и не гледа ништо спорно

Доктор од Брчко на североистокот на Босна и Херцеговина признал дека во својот двор ги сокрил закопаните коски на една од жртвите на војната, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ). Човечки останки беа закопани во дворот на ортопедот Небојша Мраовиќ пред 11 години, по што над нив беше изградена бетонска фонтана.

Мраовиќ со години има приватна ортопедска клиника во Брчко. Ексхумацијата на коските беше извршена на 21 септември под надзор на Обвинителството на БиХ, според наредбата на Судот на БиХ. Сведокот кој ја откри локацијата на закопаните останки тврди дека станува збор за жртва на геноцидот во Сребреница од 1995 година.

Мраовиќ моментално не е во БиХ

Сведокот наведува дека коските во Брчко биле донесени две години по војната. Мраовиќ за РСЕ изјави дека не гледа ништо спорно во целиот случај и се брани дека коските биле користени за „плански операции“. „Ги користев во болницата за да планирам операции, тие беа корисни за стотици луѓе“, рече тој, без да прецизира на кој начин ги користел. 

Од Институтот за исчезнати соопштија дека се работи за нецелосни останки на лице. Тие потврдија дека ова е прв случај на намерно криење на посмртните останки на воена жртва во БиХ во сопствениот двор. Според нивните информации, Мраовиќ моментално не е во БиХ. 

Речиси три децении по завршувањето на војната, сè уште се трага по 7.597 исчезнати лица, од кои 1.200 се во Сребреница. Посмртните останки на Бошњаците убиени во Сребреница, каде според пресудите на меѓународните и локалните судови во јуни 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 луѓе, по војната беа пронајдени во повеќе од 80 масовни гробници низ центарот на Подриње.

Тој се соочува со затворска казна

По злосторството, телата биле преместени од една во друга масовна гробница, што го отежнувало нивното идентификување и погребување. Луѓето кои трагаа по исчезнатите членови на семејството изјавија за РСЕ дека „посредниците“ барале 500 евра по лице за да ја откријат локацијата на телата. 

Од Обвинителството велат дека истрагата за конкретниот случај е во тек и дека заедно со Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) ги спроведуваат потребните активности. Во кус телефонски разговор, РСЕ го прашала Мраовиќ дали има адвокат, на што тој одговорил дека „нема од што да брани, од тие гласини“. 

Според Кривичниот законик на округот Брчко, доколку некој неовластено одземе, сокрие или помести тело или дел од телото, ќе се казни со парична казна или затвор до една година. Од Одделението за здравство и други служби на округот Брчко се уште не одговорија дали на Мраовиќ ќе му биде одземена лиценцата.