ДИК: 8 октомври ќе биде крајниот рок за акредитација на набљудувачи на локалните избори

Од распишувањето на изборите, тече и рокот за претставување на локалните набљудувачи на изборите, кој завршува на 8 октомври.

Барања за набљудување на избори до ДИК можат да поднесат сите домашни здруженија и странски организации кои се регистрирани во согласност со закон, најмалку една година пред денот на изборите, и чии статути го вклучуваат принципот на заштита на човековите права, меѓународни организации и претставници на странски земји, вклучително и претставници на медиумите.

Кандидатите за набљудување на избори поднесуваат Барање за регистрација на набљудувачи во изборниот процес, додека претставниците на странските медиуми поднесуваат Образец за акредитација на медиуми. Двете апликации се достапни на веб-страницата www.sec.mk.

Домашните здруженија и странските организации, покрај Барањето, доставуваат и копија од Статутот на здружението, копија од регистрацијата кај надлежен орган, список на набљудувачи и копија од документ за идентификација на предложените набљудувачи.

Меѓународните организации и претставниците на странски земји, покрај Барањето за набљудување, доставуваат и Список на набљудувачи и копија од документите за идентификација на предложените набљудувачи.

Претставниците на странските медиуми, покрај Барањето за акредитација на медиуми, доставуваат список на новинари, сниматели, фоторепортери и копија од документ за идентификација.

Претставниците на медиумите од Република Северна Македонија не подлежат на процес на акредитација.

Барањата со потребните прилози се доставуваат на е-поштата [email protected], најдоцна десет дена пред денот на гласањето, поточно најдоцна до 8 октомври 2025 година, до 24:00 часот.

Државната изборна комисија ќе издаде овластување за сите апликации за набљудување и мониторинг на изборите што ги исполнуваат условите најдоцна седум дена по приемот на апликацијата.