Димитар Ковачевски: “Самитот во Гранада беше успешен, неформалниот состанок на ЕС покажа дека проширувањето на ЕУ ќе биде еден од клучните процеси за иднината“

„Самитот во Гранада и сами видовте дека беше успешен, затоа што она што јас го кажав пред повеќе од месец дена се потврди дека е така. Неформалниот состанок на Европскиот Совет покажа дека во Европската Унија еден од процесите којшто ќе биде клучен за иднината е проширувањето, тоа го кажа и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, како и претседателот на Франција, претседателката на Европската Комисија и другите лидери“, истакна премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната изјава за медиумите по настанот #МКЕкономија – „Довербата расте” наменет за компаниите корисници по Законот за финансиска поддршка на инвестиции организиран од страна на Владата.

Премиерот посочи дека со ова Европската Унија ќе работи и на внатрешни реформи, бидејќи, како што кажа, не е исто функционирањето на ЕУ со 27 членки и ЕУ со 32-33 земји членки, од оние членки што треба да влезат.

Државите кандидати, како што е нашата држава, треба да ги завршат своите домашни задачи што се однесува на носење на одлуки, на правење на реформи, и сето тоа на крајот ќе резултира со проширување на ЕУ како стратешки процес којшто е еден од клучните процеси кои во моментов се водат во Европа и во светот во светло на војната којашто се води во Украина а гледате дека и други делови од светот се наоѓаат во исклучително неповолна ситуација во однос на безбедносната состојба“, истакна Димитар Ковачевски.

Според Димитар Ковачевски, НАТО не се прошируваше долги години и имаше држави кои не сакаа да бидат членки на НАТО како што се Финска и Шведска, меѓутоа, истакна дека тие самите побарале членство во НАТО во светло на моменталната геополитичка ситуација и дека Финска веќе е член а Шведска е во фаза на ратификација.