Димитар Ковачевски со честитка за 11. Октомври: “Како и македонските борци за слобода да останеме цврсти и обединети по европскиот пат“

Премиерот Димитар Ковачевски упати честитка по повод државниот празник 11. Октомври – Денот на народното востание порачувајќи – „како и македонските борци за слобода, едни до други, да останеме цврсти и обединети по европскиот пат напред и да создадеме иднина за следните генерации“.

Благодарение на успехот во НОБ, посочува премиерот, постои денешна, современа и независна, демократска, евроатлантска Република Северна Македонија. Затоа, како што вели, 11. октомври 1941-та година, кога започнува македонското народноослободително антифашистичко востание, бил, е и ќе биде секогаш на светлите страници на македонската историја.

Македонските борци, со непокорот уште од 1903 година и успехот во Народноослободителната борба во 1944 година, го трасираат патот до слободата и државноста, но и на македонскиот напредок.Исто како партизаните, едни до други и едни со други, да останеме цврсти и обединети по патот напред. Да ја внесеме државата во ЕУ и да ги донесеме европските стандарди во родната земја. Да одговориме на аманетот и нашата света должност – денес ние, да создадеме иднина за следните генерации!“, порача во чест на денешниот државен празник, премиерот Димитар Ковачевски.