Димитар Ковачевски: “Јас да бев на црната листа на САД, не само што ќе си поднесев оставка, туку тоа ќе го сметав за пораз во мојата кариера“
Премиерот Димитар Ковачевски денес повторно запрашан за случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кажа дека доколку тој би се нашол на црната листа на САД не само што ќе си поднел оставка, туку тоа и ќе го смета за најголем пораз во неговата лична и професионална кариера.
Повтори дека наводите на САД поради кои Рамиз Мерко е ставен на црната листа се сериозни и за него е несфатливо како може институциите во САД кои се на одалеченост од 8.000 км од овде да имаат информации изнесени преку нивни официјални лица за тоа што се случувало во нашата држава, а нашите истражни и правосудни органи тие информации да ги немаат.
„Затоа ќе треба прво општина Струга да биде отворена за споделување на сите информации на надлежните органи, а тие да бидат ефикасни во својата работа“, изјави Димитар Ковачевски.
Овој случај, според премиерот Димитар Ковачевски, покажува дека не може да се генерализира дека целиот систем не функционира, и дека секој систем е составен од поединци посочувајќи на индивидуална одговорност.
„Меѓутоа кога ќе ги погледнете основите за ставањето на црна листа, тогаш таа индивидуална одговорност ќе можете да ја идентификувате доколку институциите коишто се задолжени за тоа, а не се во надлежност на Владата, се позанимаваат со случајот и ќе може да лоцираат индивидуална одговорност и на други места каде што требало претходно да биде нешто санкционирано доколку требало да биде“, вели Димитар Ковачевски.
Смета дека и советниците во општина Струга ќе треба да размислат на кој начин понатаму ќе функционираат со оглед на тоа дека Рамиз Мерко повеќе мандати бил градоначалник и соработувал со советници од повеќе партии.
„Ги гледам соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија чие што седиште е сместено во криминално стекната конфискувана зграда, која што покрај тоа е дивоградба. Па нека се запрашаат и тие до каде е нивниот случај и во која фиока седи. И затоа сите советнички групи треба да седнат да се погледнат што ќе прават во иднина заедно со градоначалникот, на која начин планираат да функцонираат и како планираат да продолжат имајќи во предвид дека се избрани да ги штитат и да ги унапредуваат правата на граѓаните“, кажа Димитар Ковачевски.
Вели дека доколку министер во Владата се најде на црна листа на САД, тогаш истиот момент ќе биде разрешен.