Димитриевски: Во Македонија никогаш не било полошо, оваа власт мора да одговара

„Мора да се смени политичката групација што е на власт и да дојдат нови луѓе кои ќе се однесуваат одговорно и ќе постапуваат според законот. Законот треба да биде над сите и сите да бидеме исти пред законот, а факт е дека лидерите на ДУИ и на СДСМ сега се над законот“.

Ова денеска го изјави градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, кој е и претседател на новата партија во земјава Движење „Ди“. Тој додаде дека меѓународната јавност преку нивните претставници, дипломатите овде постојано нагласуваат дека Македонија е „Мека и Медина“ на корупцијата и организираниот криминал.

„Надлежните го потврдуваат тоа, иако во минатото негираа. Мора да бидеме сериозни со ваквите извештаи кои доаѓаат од странство бидејќи не само пречката што доаѓа од Бугарија, туку и овие извештаи може да бидат пречка за понатамошниот процес на интеграција“.

„Затоа велам дека оваа влада мора да сноси одговорност на следните парламентарни избори, кога и да се тие и да одлучи народот. Никогаш не било полошо во државата“, рече Максим Димитриевски.

Димитриевски изрази јасен став дека актуелната власт не прави ништо за да се смени лошата состојба во државата и покрај негативните извештаи што ги добива од Европската Унија, коментирајќи го последниот извештај на ЕК за кој вели дека е дел од реалноста на општо во Македонија.