Исто така очекувам јавна осуда на ваквите настани од сите парламентарни и вонпарламентарни партии во Македонија, како и од сите претставници на меѓународната заедница, изјави лидерот на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски. По ова денеска, вели тој, на тест е нашиот мултиетнички капацитет, дали е тоа искрена желба или, пак, само фарса?
„Денеска како човек, но и како градоначалник на сите граѓани во Куманово, од почит кон моите сограѓани од Албанската заедница, го честитав денот на албанското знаме, а воедно и во рамки на годишната програма за култура, со едногласна одлука на советот беше подржан овој настан како и многу други во Куманово кои ги негуваат правата на етничките заедници“.
Ова го изјави претседателот на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски во неговото обраќање по повод злоупотребата на денот на албанското знаме.
– За жал тоа што денеска го видовме на многу места по државата, па и во мое Куманово; особено вандалското однесување на поединци и групи, непочитување на законот за употреба на знамиња од страна на институции и органи и уништување и сквернавење на нашето државно и Македонско знаме; е за секаква осуда. Јавно ги осудувам ваквите настани и барам од институциите на прогонот да ги открие и да ги изведе пред лицето на правдата истите вакви поединци и групи и истите да бидат санкционирани според закон – изјави Димитриевски.
Истото го очекувам и од моите колеги градоначалници, вели тој, на кои ова не им е првпат да го кршат законот без да поднесат одговорност.
– Исто така очекувам јавна осуда на ваквите настани од сите парламентарни и вонпарламентарни партии во Македонија, како и од сите претставници на меѓународната заедница. По ова денеска, на тест е нашиот мултиетнички капацитет, дали е тоа искрена желба или, пак, само фарса? Јас сум за реално мултиетничко општество во кое што сите взаемно ќе се почитуваме со еднакви права и обврски и сите еднакво одговорни пред закон. Да газиш и да кинеш, да уништуваш знаме на држава која те израснала, те образовала, те платила и те плаќа, вложувала во тебе, е злосторство против истата и треба да се одговара. На крајот Македонија ќе победи, да живее Македонија! – изјави лидерот на Движење ЗНАМ за Наша Македонија.