Димитриеска-Кочоска во Вашингтон: Светската банка останува силен партнер во спроведувањето на реформите и забрзувањето на економскиот раст

Во рамките на Годишните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, се сретна со регионалниот потпретседател на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, регионалниот директор за Западен Балкан, Сјаоќинг Ју, извршниот директор, Јуџин Ругенат и раководителот на канцеларијата на Светската банка за Косово и Северна Македонија, Керол Мегеванд.

Како што соопшти кабинетот на министерот, разговорите се фокусираа на макроекономските и фискалните случувања, напредокот во спроведувањето на тековните проекти, како и можноста за нови финансиски инструменти од Светската банка за поддршка на буџетските и структурните реформи.

Главниот фокус на состанокот беше ставен на проектите што моментално се спроведуваат во Македонија, а кои се ориентирани кон подобрување на инфраструктурата, енергетската ефикасност, дигитализацијата, управувањето со јавните финансии и развојот на човечкиот капитал.
„Владата останува посветена на фискалната дисциплина, структурните реформи и забрзувањето на економскиот раст преку инвестиции во јавна инфраструктура и човечки капитал“, нагласи министерот.

Светската банка го пофали напредокот на Македонија и го потврди своето партнерство во спроведувањето на реформите и проектите во рамките на новата рамка за соработка.

Ова го потврдува и најновиот редовен економски извештај на Светската банка за Западен Балкан, во кој се забележува дека се очекува економскиот раст на Македонија да достигне 3,1% во 2025 година, што е подобрување во споредба со претходните прогнози.
Банката нагласува дека Македонија одржува фискална стабилност, со буџетски дефицит под 3% и јавен долг на опаѓачка траекторија, што создава простор за одржлив раст и поволна инвестициска клима.

На состанокот беа разгледани и економските проекции и можностите за понатамошно подобрување преку зајакнување на јавните инвестиции, зголемување на продуктивноста и поддршка на извозно ориентираните компании. На состанокот присуствуваше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.