Димитриеска-Кочоска го презентираше Предлог-буџетот за 2026 година: Продолжуваме со јасна цел за економско забрзување и фискална консолидација

Владата денес го одобри Предлог-буџетот за 2026 година, кој, според министерката за финансии Гордана Димиритриеска-Кочоска, претставува продолжување на позитивните трендови во економијата, со јасна цел за постигнување забрзан економски раст и спроведување фискална консолидација преку ригорозна фискална дисциплина.

„Фискалната политика од 2026 година ќе биде ориентирана кон одржување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност. Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи. Буџетот е изведен од реални проекции, односно приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе бидат ориентирани кон стратешките приоритети. Постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии, исто така, ќе продолжат да имаат поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Несуштинските расходи ќе се намалат, а поддршката за граѓаните и економијата ќе се спроведува според јасни критериуми и со засилен мониторинг“, нагласи министерот.
Вкупните приходи се проектирани да изнесуваат 374,7 милијарди денари, додека вкупните расходи се 413,9 милијарди денари.

„Со ова, продолжуваме со ригорозно спроведување на фискалната дисциплина, каде што зголемувањето е поизразено на приходната страна отколку на расходната. На овој начин, буџетскиот дефицит изнесува 39,2 милијарди денари, соодветно 3,5 од БДП, што претставува намалување од 0,5 процентни поени во споредба со 2025 година“, рече министерот за финансии.

Таа нагласи дека Министерството за финансии ги изведува своите проекции за 2026 година од предложените буџетски барања од буџетските корисници, водејќи се од реални, економични и ефективни принципи на управување. На овој начин, при планирањето, се земаат предвид само неопходните трошоци што овозможуваат нормално функционирање на институциите, како и редовно сервисирање и исполнување на обврските во сите аспекти.

Како што нагласи министерката Димитриеска-Кочоска, посебен акцент во буџетот е ставен на развојната компонента, поткрепена со високо ниво на проектирани капитални инвестиции во вредност од 40,5 милијарди денари.

„Се очекува забрзување на реализацијата на капиталните проекти финансирани од буџетот, кои се во фаза на зрелост, но во исто време се очекува да започне и реализацијата на најавените проекти во патната и железничката инфраструктура, но и во здравството и образованието. Позитивен придонес кон инвестициите се очекува и од реализацијата на инфраструктурните проекти во општините во наредниот период. Очекуваме овие капитални проекти да станат главен двигател на економскиот раст во 2026 година, кој се проектира на 3,8%. Се очекува позитивен раст да произлезе од зголемените приватни инвестиции, како и од приватната потрошувачка поддржана од зголемените плати и пензии“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Во 2026 година, предложениот буџет што го одобри Владата обезбедува редовни исплати на плати и пензии, како и континуирани социјални трансфери.

Како што нагласи министерот, за социјални трансфери се проектирани 206,3 милијарди денари, што претставува зголемување од 6,7%, за плати 52,6 милијарди денари, или 7% повеќе од годинава, како и за пензии 116,8 милијарди денари, што претставува зголемување од 9,7%.