Министерството за финансии интензивно работи на ребалансот на буџетот и во тек се дискусии и преговори со другите министерства, информираше денес министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
Преговорите со министерствата започнаа пред два дена. Ребалансот на буџетот се изготвува и како што рече, можеби за две недели од денес можеме да зборуваме за посериозни бројки во ребалансот на буџетот.
„Ребалансот на буџетот мора да биде доставен во собраниска процедура најдоцна до 25 јуни“, изјави Димитриеска Кочоска.
На прашањето каде ќе се направат најмногу намалувања, Димитриеска Кочоска одговори дека во моментов преговараат со министерствата и во моментов не можат да зборуваат за овој аспект, додека во врска со буџетските проекции, дали ќе ја задржат истата проекција или ќе одат нагоре или надолу, Димитриеска Кочоска одговори: „Нема да одиме повисоко“.