Димитриеска-Кочоска: Јавниот долг се намали за 4,7 процентни поени, продолжуваме со фискална консолидација и забрзување на економскиот раст
Министерството за финансии објави податоци за нивото на јавниот долг на крајот од првиот квартал од 2025 година. Според објавените податоци, јавниот долг бележи намалување од 4,7 процентни поени, во споредба со нивото на крајот од 2024 година и изнесува 57,7% од БДП или намалување од 36 милиони евра во апсолутна вредност.
„Овие податоци се директна потврда за политиките што ги спроведуваме и траекторијата по која се движиме. Јавниот долг од 62,4% од БДП на крајот на 2024 година падна на 57,7%, што е резултат на мерките што ги преземаме за фискална консолидација, мерките за намалување на непродуктивните трошења, како и напорите за зголемување на економската активност“, нагласи министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа додава дека целта за постигнување најнизок буџетски дефицит, во согласност со фискалните правила од 3% и јавен долг под 60% од БДП е остварлива, но тоа бара многу посветеност и труд во секој аспект, како на страната на собирање приходи, така и на страната на расходите. Како што додаде министерот, она што е многу важно за Владата е посветеноста на инвестиции што ќе донесат повисоки стапки на економски раст, што на долг рок ќе донесе намалување на нивото на долг“, нагласува министерот за финансии.
Главната цел на Министерството за финансии и Владата е да се подобри управувањето со јавните финансии, како и да се одржи високо ниво на капитални расходи што ќе ги поддржат долгорочните економски приоритети.
Министерството за финансии го објави и нивото на државниот долг во првиот квартал од 2025 година, кое изнесува 50,1% од БДП и бележи намалување од 3,7 п.п. во споредба со нивото на државниот долг објавено на 31 декември 2024 година. Според објавените податоци, државниот долг во апсолутна вредност изнесува 8.328,7 милиони евра, додека јавниот долг изнесува 9.583,9 милиони евра.
Во првиот квартал, Владата, односно Министерството за финансии, ја изврши исплатата на еврообврзницата во износ од 500 милиони евра. Во овој квартал е извршена и вкупната исплата на обврските врз основа на главницата на јавниот надворешен долг во износ од 679,4 милиони евра, вклучувајќи ја и еврообврзницата.
Според утврдената динамика, Министерството за финансии го објавува нивото на јавниот долг на квартална основа, додека нивото на државниот долг се објавува на месечна основа.