Димитров за МИА: ЕСС од утре почнува расправа за Законот за плати и за Колективниот договор за јавен сектор
Економско-социјалниот совет од утре по барање на синдикатите почнува расправа за новиот Закон за плати во јавниот сектор и преговори за Колективниот договор за јавниот сектор, открива Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи во интервју за МИА.
Димитров посочува дека за синдикатите новиот Закон за плати во јавниот сектор е контрадикторен, а тие како Организација на работодавачи и репрезентативни членови во Економско-социјалниот совет, ќе дадат свои предлози.
– Како членови на Економско-социјалниот совет сигурно дека нема само да набљудуваме што ќе се преговара, затоа што на крајот на краиштата и нас не интересира висината на платите во јавниот сектор. Тие мора да зависат од порастот на платите во приватниот сектор затоа што во приватниот сектор се создаваа новосоздадена вредност, од која треба да се плаќаат даноци и придонеси за работниците и да се полни буџетот за да може потоа да се исплаќаат платите на јавниот сектор, така што тие две компоненти мора да ги гледаме заеднички, вели Димитров во видео интервјуто направено во прес-центарот на МИА во Штип.
Ако платите во реалниот сектор се усогласуваат со порастот на трошоците на живот и со просечната плата, тогаш, додава Димитров, треба и платите во јавниот сектор да се усогласуваат со порастот на платите во приватниот сектор.
Прашан дали на оваа тема веќе е разговорано со синдикатите, Димитров вели дека досега немаат дебатирано за тоа.
Вака предложениот закон за плати, вели Димитров, особено во делот на давање согласност од страна на министерот за финансии за зголемување на платите во јавниот сектор е спротивен на меѓународните конвенции каде што се посочува дека колективното договарање е слободна волја меѓу работниците и работодавачот.
-Во овој случај сега имаме трет арбитар, а тоа е министерот за финансии кој треба да каже – може да ја зголемите платата за толку или не можете да ја зголемите, појаснува Димитров во видео интервјуто што во целост ќе биде објавено утре.
Во однос на исплатата на К-15, Димитров смета дека оваа исплата треба да зависи од резултатите во завршната сметка на компанијата, додека за усогласувањето на платите со минималната плата посочува дека доколку тоа не се направи, тогаш доаѓа до една урамниловка.
– Лани кога минималната плата се зголеми на 18.000 денари, се зголемија само платите до минималната плата во јавниот сектор, а немаше пари да се зголемат и другите плати. Ова доведе до непочитување на сите коефициенти што порано ги имаше затоа што ако имате коефициент 2 во однос на најниско платениот кој има коефициент 1, со тоа што на него му се покачила платата сега за 2.000 денари и на вас да ви се качи 2.000 денари, автоматски вие немате коефициент 2, веќе ви се доближуваат коефициентите. Тоа бара така да се рече нова прераспределба, нови коефициенти и за тоа треба навистина мудро да се преговара, вели Димитров.
Очекува оваа година да биде постабилна за македонската економија, а актуелните банкарски кризи смета дека нема да се рефлектираат во земјава. Единствниот реален начин на зголемување на стандардот на граѓаните, порачува Димитров, е зголемено производство, повисок извоз, повисок девизен прилив.