Димовски: Нова инвестициона ера, Македонија привлекува рекорден број на странски инвестиции

Целта на оваа Влада е компаниите, пред сè од приватниот сектор, да им дадеме сериозна поддршка, бидејќи оние компании кои даваат додадена вредност во самата економија треба едноставно да ги негуваме. Оваа Влада е сериозно посветена на оние компании, коишто навистина си го почитуваат законот и работат согласно него” , прецизираше во своето излагање директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски во вечерашниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува“ , каде што фокусот беше насочен на делот од инвестициите и нивната улога.

Димовски соопшти дека тековно се водат преговори за привлекување странски директни инвестиции. Тој нагласи дека растот на стратешките инвестиции отвора можности за економски напредок, истакнувајќи дека овие инвестиции поттикнуваат иновации и создавање на нови работни места.

„Во тек се преговори и се надеваме дека ќе се реализираат. Станува збор за голема инвестиција вредна повеќе од 350 милиони евра, каде што таа компанија треба да изгради еден капацитет кој ќе има високо технолошко производство и ќе креира високо платени работни места, воедно ќе има сериозен извоз” , објасни Димовски.

Димовски се осврна на фактот дека, според најновите податоци од Народна банка за првите девет месеци од 2024 година, странските директни инвестиции во земјата изнесуваат над 830 милиони евра. Според него, рекордниот пораст на инвестиции ја потврдува довербата во владината стратегија, притоа додаде дека владината политика создава поволна клима за инвестиции и раст.

„Последните информации од Народна банка за првите 9 месеци од 2024 година покажаа дека имаме прилив од повеќе од 830 милиони евра странски директни инвестиции. Нашата заложба и цел е да стигнеме до таа милијарда, иако 838 милиони евра е рекорд во историјата на независна Македонија. Целта ни е да стигнеме до над една милијарда странски директни инвестиции во Македонија. Ќе поставиме таргет, кој потоа ќе треба да го надминеме” , заклучува Димовски.