ДИРЕКТНА ПОРАКА – Државниот секретар на САД порача: “Милорад Додик се однесува како Владимир Путин, тој е на пат кон авторитарно владеење!“
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во средата го спореди водачот на босанските Срби Милорад Додик со Владимир Путин, велејќи му дека тој тргнал по истиот пат на авторитарно владеење што го следи рускиот претседател долго време.
Првиот човек на американската дипломатија во објава на социјалната мрежа Твитер испрати директна порака до Додик откако минатата недела владата на Република Српска одлучи по негова наредба сите официјални претставници на босанските Срби да го прекинат контактот со амбасадите на САД и Велика Британија во БиХ, бидејќи, според Додик, тие се вклучени во внатрешните работи на земјата.
Потоа Додик понуди дополнително толкување дека одлуката се однесува само на амбасадори акредитирани во Босна и Херцеговина, но не и на САД и Велика Британија, со кои, како што тврди, е заинтересиран за продолжување на соработката.
Американскиот државен секретар сега возврати со порака дека американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Мајкл Марфи, е личноста која ја спроведува политиката на Вашингтон и делува во интерес на демократската и просперитетна иднина на сите луѓе во Босна и Херцеговина, и му порача на Додик да го земе тоа предвид обвинувајќи го дека е одговорен за загрозување на основните права и слободи на граѓаните.
„Нападите на Милорад Додик врз основните права и слободи во РС се доказ дека тој е на пат кон авторитарното владеење на Владимир Путин“, напиша Блинкен во објавата.
Со ова тој алудираше и на агресивните напори на Додик да воведе закони за криминализација на клеветата во РС, кои се обидуваат да ги задушат независните медиуми, како и да ја ограничат работата на невладините организации кои примаат донации од странство.
Покрај тоа, Додик најави закон со кој на LGBTQ активистите ќе им се забрани да пристапуваат до училишните институции во РС, а на припадниците на сексуалните малцинства им порача дека не се добредојдени во тој ентитет и дека треба да „одат на островите“ ако сакаат да живеат според според нивните критериуми.