Иселениците од Северна Македонија кои живеат и работат во ЕУ во 2021 година испратиле 325 милиони евра во нашата земја, покажуваат податоците на Евростат.
Вкупно 37,7 милијарди евра испратиле членките на ЕУ преку лични трансфери во други земји кои не се дел од Унијата. Истовремено во ЕУ се слеале 13 милијарди евра како приход од странство.
Најмногу одливи има од Франција 12 милијарди евра, од Италија 6,5, од Шпанија 6,3 и од Германија 6,1 милијарди.
Од земјите од регионот, најмногу 1,56 милијарди евра испратиле Хрватите во своите земји, потоа иселениците од Босна и Херцеговина 1,47, Бугарите 1,15, косовската дијаспора 1,12, таа од Албанија 1,04 милијарди, Грците 812 милиони, Црногорците 300 милиони евра.
Одливот на еврото од ЕУ покажува континуиран тренд на раст, а од 2015 година е зголемен за 47 отсто, што во 2021 година резултираше со негативно салдо за Унијата од 24,7 милијарди евра.