Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Западот и Европа се подготвуваат за војна со Русија, а како изговор се користат сите изјави на западните политичари за наводната „руска закана“.
Унгарскиот премиер рече и дека медиумите уште пред двете светски војни долго време ги подготвувале, а тоа се случува и денес.
– Верувам дека тоа се случува и денес во Брисел и Вашингтон, а повеќе во Брисел. Дефинитивно можеме да кажеме дека се подготвува влез на Европа во војната, што може да се види и во медиумите и во изјавите на западните политичари – додаде Орбан .
Тој рече и дека веројатноста Русија да нападне некоја од земјите на НАТО е исклучително мала.
– Веројатноста некој да нападне една членка на Алијансата, а не се работи само за Русија, туку за која било земја, е исклучително мала. НАТО е одбранбена алијанса и нема да толерира никакви воени дејствија кои го нарушуваат суверенитетот на која било членка на Алијансата. Затоа сите тие изјави на западните политичари за наводната руска закана ги толкувам како маневар на Западот и подготовка на Европа за војна со Русија – рече Орбан.