Добротворна организација која работи со бездомници во Окленд, Нов Зеланд, несвесно им делеше бонбони со потенцијално смртоносна доза на метамфетамин во нивните пакети со храна, откако слатките беа донирани од член на јавноста.
Водачите на добротворната организација рекоа дека персоналот почнал да контактира до 400 луѓе за да ги откријат пакетите што би можеле да ги содржат спорните слатки, пренесува АП.
Државните власти соопштија дека три лица биле хоспитализирани откако ја конзумирале бонбоната, но подоцна биле пуштени.
Количината на метамфетамин во секоја бонбона била до 300 пати поголема од нивото што некој вообичаено би го земал и може да биде фатална, соопшти Новозеландската фондација за дроги, која прва ги тестираше бонбоните.
Портпаролот на фондацијата Бен Биркс Анг рече дека пренесувањето на дрогата како безопасна стока е вообичаена техника на прекугранично шверцување и дека повеќе слатки можело да се дистрибуираат низ Нов Зеланд.
„Слатките имаа висока улична вредност од по 608 долари, што сугерира дека донацијата од непознат член на јавноста била случајна, а не намерна“, рече Биркс Анг.
Бонбоните беа донирани во изминатите шест недели и не е јасно колку од тие бонбони биле наполнети со метамфетамин.
Метамфетаминот е моќен стимуланс кој предизвикува голема зависност и влијае на централниот нервен систем. Има форма на бел кристален прав без мирис, има горчлив вкус и лесно се раствора во вода или алкохол.