Договор на Германија, Холандија и Полска за побрзо распоредување војници на источното крило на НАТО

 – Германија, Холандија и Полска денеска потпишаа договор со цел намалување на бирократијата што го отежнува брзото распоредување на војници и оружје преку границите на еден од главните коридори од Северното Море до источното крило на НАТО.

Поради руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, НАТО и ЕУ почнаа да ги забрзуваат подготовките во случај на воен конфликт со Русија.

Во такво сценарио, САД и другите сојузници на НАТО ќе мора да испратат големо воено засилување преку пристаништата во Северното Море на источниот фронт преку Германија и Полска. НАТО моментално ја спроведува својата најголема воена вежба од крајот на Студената војна, наречена „Непоколеблив бранител 2024“ во која учествуваат речиси 90.000 војници.

Говорејќи на состанокот во Европската агенција за одбрана во Брисел, холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен рече дека е клучно да се создадат услови кои ќе овозможат брзо распоредување на воените сили пред да избие каков било можен конфликт.

НАТО ги предупредува земјите-членки дека преголемата бирократија го попречува движењето на војниците низ Европа, што може да предизвика големи одложувања во случај на конфликт со Русија.