Додик: Британската разузнавачка служба „ровари во РС и Србија“, не сакам никој да ја почувствува војната

– Претседателот на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, денес изјави дека британската разузнавачка служба „ровари и во Република Српска и во Србија“, велејќи дека сака да се приклучи кон Европската Унија (ЕУ), но дека во тоа треба „РС да биде видлива“.

Изнесувајќи остри критики на сметка на државата Босна и Херцеговина, чиј дел е и ентитетот РС, Додик во Градина, на одбележувањето на 30-годишнината од настрадувањето на Србите од Западна Славонија во хрватската операција „Блесок“ на 1 мај 1995 година, порача дека сега е време Србите да кажат „вратете ни го Дејтон и ќе останеме во БиХ“, или поинаку немаат шанса нивните потомци слободно да живеат во Босна и Херцеговина.

„За да не ни се случат повторно Славонија, Јасеновац, Брод на Дрина“, нагласи Додик, и потврди дека „опасноста е огромна“.

„Затоа и нè тргаат. Ако мислите дека Додик нема попаметна работа, многу се лажете. Само што добивме мал одмор затоа што во Америка не победи структурата која веќе ќе нè исчистеше. Тие прават сè систематски веќе 30 години“, истакна тој.

Наведе дека не води политичка, туку народна и државна кампања и ја повика опозицијата да „разговарааат за суштината“.

„Тие не можат да го прават она што го сакаат на заедничко ниво. Ова беше сериозна можност да ја оттргнеме Република Српска од БиХ, ако тие не ја предадоа. Требаше само да молчат, но станаа проактивни против Српска и нејзините власти“, рече Додик.

– Тврдења за влијание на разузнавачки служби –

„ПДП е под директно влијание на британската разузнавачка служба, која сега ровари и во Република Српска и во Србија. Ако некој мисли дека Републиката нема да се справи со ова, длабоко се лаже“, рече Додик.

Истакна дека не сака „никој овде да ја почувствува војната“.

„Се бориме за ова парче земја, Српска е прекрасна, ќе се стабилизира и Србија, чиј претседател Александар Вучиќ ѝ овозможи на Република Српска да има дополнителен економски развој и да избегаме од приказната дека ЕУ е единствената алтернатива“, рече Додик, пренесува Танјуг.

Тој наведе дека ја сака ЕУ, но дека во тоа „РС треба да биде видлива“.

– Кризата во Босна и Херцеговина

Политичката криза во Босна и Херцеговина се појави откако Судот на БиХ, кон крајот на февруари, го осуди претседателот на ентитетот РС, Милорад Додик, на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење на функцијата претседател на ентитетот, поради „непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ“.

Потоа, Обвинителството на БиХ издаде налог за приведување на Додик, како и на премиерот на РС, Радован Вишковиќ, и Ненад Стевандиќ, претседателот на Собранието на ентитетот. Тие се осомничени за кривично дело „напад врз уставниот поредок“ откако Народното собрание на РС усвои, а Додик потпиша, указ со кој се прогласуваат закони со кои се забранува делувањето на државните правосудни и безбедносни институции во тој ентитет.

Судот на БиХ претходно го прифати предлогот на Државното обвинителство за распишување меѓународна потерница по Додик и Стевандиќ, кои се товарат за кривично дело „напад врз уставниот поредок“. Интерпол не распиша меѓународна потерница, а Судот на БиХ побара ревизија на таа одлука, што не беше прифатено.

Додик оттогаш неколкупати ја преминуваше границата на Босна и Херцеговина за да патува во странство, а обидот на службениците на СИПА да му го предадат налогот за лишување од слобода во Источно Сараево беше оневозможен со интервенција на припадниците на Министерството за внатрешни работи на РС.