Додик: Република Српска има право да постои, ние не сме нарушувачки фактор

Република Српска има право да постои и тоа не може да биде оспорено од никој, порача претседателот на Република Српска Милорад Додик вечерва во Бања Лука на големиот народен собир „За претседателот, за Србија, за институциите“.

Додик рече дека на митингот се собрале 25.000 луѓе и им се заблагодарил на сите што дошле, на неговото семејство и на оние што биле пред Судот на Босна и Херцеговина во Сараево.

„Тоа ми даде сила да не попуштам“, рече Додик и посочи дека српскиот народ „сака само слобода“.

„Српскиот народ знае за што се борел. Тој прифати да влезе во Дејтонскиот мировен договор, да биде ентитет, а потоа се појави голготата и политичката борба. Ние не сме нарушувачки фактор. Не можеа сите да ве стават во судница, па ме избраа мене, но згрешиле“, рекол Додик, пренесе ФоНет.

На судијата во постапката против него, Сена Узуновиќ, му порача „да постапи според законот“, ја обвини Германија дека „дојде да владее на модерен начин“, а нагласи дека нема да преземе ништо што може да доведе до вооружен конфликт.

„Укинете го уставот, па ќе видите што ќе биде, одговорот ќе биде уставен. Ќе го чуваме мирот и никој од нашите мажи и жени нема да војува. Не сме создадени да војуваме, туку да живееме, да соработуваме и да имаме мир. Она што доаѓа од Сараево е немир“, рече Додик.

Пред толпата се обрати и поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани, кој рече дека Додик е многу силен, решителен и принципиелен лидер, кој верува во основните принципи на западната цивилизација и слободата на говорот и ја сака Америка.

„Во источна Европа многу повеќе се ценат чесноста и слободата. Запомнете дека сопругата на Трамп доаѓа од Словенија и тој е многу заинтересиран за овој дел од светот. Имате одлично раководство“, рече Џулијани, кој на крајот од говорот носеше капа со порака: „Направете ја Српска повторно голема“.

Претседавачот на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ рече дека Република Српска е достојна за слобода и секогаш ќе стои покрај својот претседател, додека премиерот на РС Радован Вишковиќ му порача на политичко Сараево да не очекува Република Српска да го предаде она што е платено со крв.