Претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, по кого е распишана централна потерница, потврди дека се наоѓа во Москва.
„Пристигнав во Москва. Секој престој овде го започнувам со посета на Споменикот на непознатиот војник за да им оддадам почит на 28 милиони Руси кои загинаа во Втората светска војна“, напиша Додик на платформата X
➡️ Стигао сам у Москву. Сваки мој боравак овдjе почињем посјетом споменику Незнаном јунаку како бих одао пошту 28 милиона страдалих Руса у Другом свјетском рату.
— Милорад Додик (@MiloradDodik) March 31, 2025
➡️ Овдjе ћу бити поново 9. маја на позив предсједника Руске Федерације Владимира Путина на обиљежавању 80. гoдишњице… pic.twitter.com/CMd5jqYda8
Тој рече дека повторно ќе биде таму на 9-ти мај на покана на рускиот претседател Владимир Путин за да ја одбележи 80-годишнината од победата над фашизмот.
Тој вели дека Русија има поддршка од ентитетот на РС и дека Русија покажала дека може да ја брани својата независност.
Тој потоа му упати низа пофалби на рускиот претседател Владимир Путин, но не кажа дали ќе се сретнат.
„Русија ја има нашата поддршка. Тоа е земја која несомнено покажа во многуте предизвици со кои се соочи во изминатите векови дека е способна да ја брани својата автономија и независност и затоа претседателот Путин е светски и историски лидер. Она што го направи за да ја оживее Русија го направија само неколкумина во историјата“, рече Додик.
За потсетување, Обвинителството на БиХ води истрага против Додик поради сомнение дека сторил кривично дело нарушување на уставниот поредок.
Судот на БиХ побара распишување меѓународна потерница, а одговорот на Интерпол се уште се чека.
Покрај Додик, осомничени се и Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ за напад на уставниот поредок на БиХ.