Доживотен затвор за кочанчанецот кој со 40 убоди од нож уби жена

Основниот суд во Кочани го осуди на казна доживотен затвор Усеин Рашидов (60) за свирепото убиство на Танкица Младеновска (46) во септември лани.

„По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кочани, а по признание на вина, Основниот суд во Кочани донесе осудителна пресуда за едно лице за кривично дело- Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин, при што за сторителот е изречена казна доживотен затвор. Обвинетиот, на 25.09.2023 година на свиреп начин лиши од живот жена, нанесувајќи и многубројни убоди со нож, соопштија од Јавното обвинителство.

Во обвинението, Основното јавно обвинителство Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело Уцена кон истата оштетена, сторено пред убиството.

„Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка“, рекоа од ОЈО.

Крвавиот инцидент кој ја потресе македонската јавност се случи на 25 септември во Кочани.

Рашидов, поранешен колега на убиената од дома зел кујнски нож и знаејќи го патот по кој оштетената се движи кога оди кон работа, ја пречекал и и задал повеќе убодни рани во градите, стомакот, вратот и рацете. Од повредите, жртвата починала на лице место. Тој безмилосно ја избодел Танкица 40 пати, по што мирно ја пречекал полицијата ѝ се предал.

Иако убиецот не признал дека ја уценувал жртвата, неофицијално Рашидов долго време ја уценувал жената, од која зел поголема сума на пари, за да не објави компромитирачки снимки од неа.