Русија: Пристапувањето на Украина во ЕУ може да го поткопа целиот систем на Унијата

 – Русија денес истакна дека Украина може да го поткопа целиот систем на Европската Унија (ЕУ) доколку стане нејзина членкa.

Говорејќи на прес-конференција во Москва, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Украина ќе биде „товар што ЕУ нема да може да го подигне“.

„Има многу што да се каже, но навистина, да се прифати земја како Украина во ЕУ… едноставно ќе го поткопа целиот систем на Европската Унија. И трезвените глави разбираат дека ова ќе биде товар што ЕУ едноставно не ќе може да го подигне, и ЕУ ќе се распадне“, рече тој.

Портпаролот на Кремљ истакна дека моментално претставниците на ЕУ разговараат само за можноста за доделување членство на Киев, а искуството покажува дека таквите дискусии може да траат со децении.

На прашањето за обидот за незаконско одземање на имотот на Русија во западните земји, Песков предупреди дека таков преседан, доколку се случи, ќе има деструктивен ефект врз целиот глобален финансиски систем.

„Темата за незаконско одземање на нашиот имот е постојано на агендата и во Европа и во Америка. Оние кои се обидуваат да го иницираат ова, и оние кои ќе го имплементираат, мора да разберат дека Руската Федерација никогаш нема да ги остави на мира“, нагласи тој.

Откако Русија ја започна својата „специјална воена операција“ во Украина во февруари 2022 година, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) замрзнаа милијарди од нејзините финансиски средства.