Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска гласаше на избирачкото место во Нов Белград, каде дојде сам. Тој чекаше во ред некое време за да гласа.
Некои медиуми објавија дека покрај претседателот бил и неговиот кум Никола Петровиќ, но како што подоцна се дозна не се работи за кумот туку за брачниот пар, соседи на Александар Вучиќ, со кои тој разговарал пред гласачкото место.
Инаку, денеска во Србија се одржуваат републички, покраински, белградски и локални избори кои се затвораат во 20 часот.
6.500.666 граѓани на Србија ќе можат да го остварат своето право на глас на едно од вкупно 8.273 избирачки места. Србите од Косово и Метохија ќе гласаат во Врање, Куршумлија, Рашка и Тутин.
Граѓаните кои се пријавиле за гласање во странство може да го сторат тоа на 81 избирачко место што ќе бидат отворени во 31 земја. Поради временската разлика во саботата беше организирано гласање во Португалија, Обединетото Кралство, САД и Канада, додека останатите земји ќе гласаат денеска.
Гласачите кои го отслужуваат воениот рок ќе можат да гласаат на 36 избирачки места во повеќе општини, а ќе бидат отворени 29 места во казнените установи.
На републичките избори гласачите ќе можат да избираат помеѓу 18 листи со вкупно 2.817 предложени кандидати за 250 места во парламентот. Утврдени се 13 изборни листи за покраински избори, 14 за избори за градско собрание на Белград, а локални избори ќе се организираат во вкупно 65 градови и општини.
На гласачкото место и на 50 метри од избирачкото место, забрането е истакнување на симболите на политичките партии и друг пропаганден материјал.