Ако сте од оние кои доцна се будите и редовно првиот оброк го јадете доцна наутро (или целосно го прескокнувате), можеби ќе сакате да ги преиспитате вашите навики за појадување!
Најнова научна студија сугерира дека раното појадување може да го намали ризикот за развој на дијабетес тип 2 како и други нарушувања на метаболизмот. Оваа практика дури може да ви помогне да избегнете и создавање на прекумерна тежина што најчесто е последица на дијабетесот.
Студијата која неодамна беше презентирана на годишниот состанок на здружението за Ендокрина медицина, беше реализирана на репрезентативен примерок од над 10.575 возрасни луѓе, на кои им беа анализирани податоците за гликоза и инсулин, како и начинот и навиките за исхрана.
Резултатите од студијата покажуваат дека луѓето кои појадуваат порано имаат понизок шеќер во крвта и помала отпорност на инсулин.
Научните истражувања спроведени на Универзитетот Нортвестерн и Универзитетот во Илиноис, Чикаго, откриле дека луѓето кои појадувале порано од 8:30 часот имаат пониски нивоа на шеќер во крвта и помала отпорност на инсулин од луѓето кои го јаделе првиот оброк подоцна во текот на денот.
Зголемената гликоза во крвта и отпорноста на хормонот инсулин, кој помага во регулирањето на шеќерот во крвта, се два маркери за преддијабетес и дијабетес тип 2.
Медицинските центри за контрола и превенција на болести проценуваат дека 34 милиони Американци имаат дијабетес тип 2 додека дури 88 милиони имаат преддијабетес. Од вторите, 84% не знаат дека имаат таков синдром кој ги става во состојба на зголемен ризик од развој на дијабетес тип 2, срцеви заболувања и мозочен удар.
Клучно е раното појадување, а не времетраењето на еден оброк!
Други студии пак сугерираат дека популарната диета со т.н. ограничување на јадењето во краток временски интервал, независно колку ќе се изеде во тој период, го подобрува метаболизмот. Меѓутоа, овие студии истовремено покажуваат дека отпорноста на инсулин всушност се зголемува со пократки интервали на јадење, додека бројот на гликоза во крвта не се менува значително без разлика на должината на интервалот на јадење.
Со други зборови, можеби е подобро да одвоите повеќе време за да уживате и ги јадете вашите омилени утрински оброци, наместо да се обидувате да ги натрупате сите во кратка временска рамка.
И секако, доручкувајте порано! Студијата потврди дека јадењето на првиот оброк по 8:30 часот е поврзано и со висок шеќер во крвта и со поголема отпорност на инсулин.