Доктор споделува пет симптоми на рак на дебелото црево: „Нивното препознавање може да ви го спаси животот“
Ракот на дебелото цребо е една од водечките причини за смрт од рак во светот. Според Светската здравствена организација (СЗО), во 2020 година, имало повеќе од 1,9 милиони нови случаи на рак на дебело црево и над 930.000 смртни случаи од оваа болест во светот.
Особено загрижувачки е фактот што се повеќе се јавува кај луѓе под 50 години. Познатиот доктор од NHS, д-р Каран Раџан, истакнува дека познавањето на симптомите буквално може да спаси живот и советува дека треба веднаш да посетиме лекар ако ги забележиме следните клучни симптоми на рак на дебелото црево.
Симптомите за кои предупредува лекарот се:
- Постојана абдоминална болка која не исчезнува
- Ненамерно губење на тежината
- Необјаснет замор
- Ректално крварење
- Постојана промена во навиките на цревата.
„Ракот на дебелото црево е во пораст, особено кај помладите луѓе, а познавањето на овие знаци би можело да ви го спаси животот“, предупреди д-р Раџан во објава. Тој објасни дека ненамерното губење на тежината може да биде резултат на метаболичката активност на ракот, додека крварењето често води до исцрпеност и летаргија.
Тој особено нагласи дека крвта во столицата никогаш не треба да се сфаќа несериозно: „Ако забележите крв во столицата, никогаш не претпоставувајте дека е нормално и нешто како хемороиди, секогаш проверете го.“
Според него, ракот на дебелото црево може да предизвика и физичко затнување на столицата, што доведува до запек или дијареја што трае со недели. „Доколку забележите нешто од горенаведеното, ве молиме контактирајте здравствен работник“, забележува тој.
Добрата вест е дека постојат начини да го намалите ризикот. Д-р Раџан советува секојдневно да ја проверувате столицата за да се забележат промени и нагласува исхрана богата со растителни влакна, откажување од пушење и електронски цигари и намалување на консумирањето алкохол. Раното откривање на симптомите и здравите навики во животниот стил се клучни за спречување и одржување на здравјето на цревата.