Домовите за баби и дедовци не се баук: во друштво поспоро се старее

Слабоста на староста ги погодува луѓето кои живеат сами побрзо од оние кои се дружат, запознаваат луѓе и почесто го напуштаат својот стан, покажуваат студиите.

Здрава исхрана, доволно сон, движење… Ова се совети кои доколку се следат, не само што придонесуваат за поздрав начин на живот, туку може да резултираат и со зголемување на животниот век, или воопшто подобро здравје во староста. Еден фактор често се заборава: важноста на социјалните врски.

И таа интеракција често опаѓа во староста. На многу луѓе им е сè потешко да запознаат други луѓе, односно да воспостават нови контакти.

Социјалната интеракција е важна за менталното здравје, а како што покажува новото истражување од Јапонија, може да влијае на квалитетот на животот во староста, односно здрав живот во подоцнежните години.

Што вели јапонската студија?

Јапонија е земја чие општество, во споредба со остатокот од светот, старее најбрзо. Повеќе од 36 милиони луѓе во Јапонија се постари од 65 години. Тоа е двојно повеќе отколку во Германија.

Во Јапонија, истражувачите од Осака пет години ги анализирале податоците од луѓе постари од 65 години. Тие земале предвид различни фактори кои влијаат на здравиот живот во староста.

Студијата спроведена од Универзитетот Метрополитен во Осака ги покажува сите начини на кои може да се одложи почетокот на процесот што експертите го нарекуваат „сенилна слабост“.

Притоа, членовите на истражувачкиот тим ги користеле податоците на оние лица на кои им е потребна грижа, а кои биле во категоријата „полесни случаи“. Тие ја анализираа нивната сенилна слабост во период од пет години.

Еден дел од овие луѓе се согласиле да учествуваат во општествените активности што се нудат. Вториот дел имаа на располагање личен асистент, односно лице кое ги посетуваше дома и им помагаше во секојдневните задачи.

Резултат: личните асистенти не влијаеле на фазата на сенилна слабост, ниту пак можеле да влијаат на „одложување“ на почетокот на тој процес. Во исто време, социјалните активности во заедницата го намалија ризикот од сенилност до 40 проценти.

Затоа, истражувачкиот тим советува постарите да учествуваат во заеднички активности надвор од нивниот дом, наместо да останат дома. Услугите во кои работат личните асистенти се важна понуда и помош во секојдневниот живот, но групните активности позитивно влијаат на здравјето на луѓето, нагласуваат научниците.

Здравје во старите денови

Уште во 2021 година, анализата на истите податоци покажа дека социјалното учество позитивно влијае на здравото стареење. А позитивните ефекти може да се реализираат на различни начини преку учество во животот во заедницата – од активности во соседството, преку волонтирање, до практикување на различни хобија.

Факт е дека социјалните контакти имаат големо влијание врз нашето здравје. Долгорочна студија во Лондон покажа дека зголемените социјални контакти кај возрасната група над 60 години може да го одложат почетокот на деменцијата, па дури и да ја спречат. Долготрајната осаменост може да ги разболи луѓето, и тоа не само во староста.

Корнелија Малер, експерт во секторот за нега на Универзитетот во Тибинген, нагласува: „Особено за постарите, важно е да имаат некоја причина да го напуштат својот дом, да излегуваат надвор“.

Се разбира, има и други објаснувања: оние кои ги напуштаат своите домови за да се дружат со други луѓе или луѓето кои ги посетуваат здравствените установи, едноставно повеќе се движат. Истото важи и за посета на пријатели, ангажирање во волонтерски активности или хоби. Повеќе движење има позитивен ефект врз здравјето.