– Британскиот крал Чарлс му го додели „Фрогмор“ на принцот Ендрју, иако во минатото овој имот им припаѓаше на принцот Хари и Меган Маркл, пишува „Сан“ (The Sun).
Кралскиот имот „Фрогмор“ во Виндзор, беше подарок од кралицата Елизабета Втора за Хари и Меган за нивната свадба во 2018 година. Се наоѓа близу домот „Аделаид“, главната резиденција на принцот и принцезата од Велс, Вилијам и Кетрин – Кејт Мидлтон, а се состои од пет спални соби и пространа градина. Нејзиното реновирање во пресрет на вселувањето на тогаш нововенчаниот пар чинеше 2,4 милиони фунти.
Според британските медиуми, Бакингемската палата ги известила војводата и војвотката од Сасекс за иселувањето, откако мемоарите на Хари се појавија на полиците во Велика Британија во јануари. Принцот Ендрју веќе се вселува во нивниот поранешен дом, иако прво се спротивставувал на тоа. Без оглед на неговата одлука, Хари и Меган веќе немаат право на нивниот досега единствен преостанат дом во Велика Британија.
„Ова секако го означува крајот за Хари и Меган во Велика Британија. Ендрју се спротивстави на предлогот тој да се всели во ‘Фрогмор’, откако му беше понудена минатата недела, но Хари и Меган не можат да го запрат иселувањето”, наведува неименуван извор близок до кралското семејство за таблоидот.
Инаку, крунисувањето на кралот Чарлс Трети е во мај, а сѐ уште нема податок, ниту навестување за официјална покана за Хари и Меган за настанот.