ДОМ: Веднаш да се започне постапката за измена на Изборниот законик за да се обезбеди учество на независни листи на локалните избори
Демократската обнова на Македонија (ДОМ) остро се спротивставува на сè поопасната практика на владејачкото мнозинство, но и на опозицијата (коалициските партии од претходната влада), која од една страна издвојува милиони евра за невладини организации, а од друга страна ги блокира демократските механизми што би им овозможиле на граѓаните вистинско политичко учество.
„Со одобрувањето на ребалансот на Буџетот за 2025 година, трансферите кон невладиниот сектор се зголемија од 26,7 на 34,4 милиони евра, а во исто време не постои политичка волја за измена на Изборниот законик што би овозможило учество на независни кандидати на претстојните локални избори“, се вели во соопштението на ДОМ.
„Поддршката за организациите на граѓанското општество е важна и неопходна, но таа добива сенка на партиска инструментализација кога се користи како покритие за да се скрие партиципативната демократија. Во исто време кога средствата за невладиниот сектор се зголемуваат, граѓаните систематски се блокирани од учество како независни политички субјекти. Понатаму: кои се механизмите за следење на можната злоупотреба на овие средства зголемени за 30% три (3) недели пред распишувањето на локалните избори? Дали веќе е познато кои невладини организации (нечии омилени) ќе ги добијат овие средства?“
„Ние сме против оваа практика, каде што со едната рака се делат милиони, а со другата граѓаните се бришат од мапата на политичко учество“, велат од ДОМ.