Доналд Трамп повторно отсуствуваше од дебатата на Републиканската Партија, додека Рон ДеСантис и Ники Хејли се напаѓаа и се навредуваа: “Колку сте очајни!“
Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис и поранешната амбасадорка на САД во Обединетите нации, Ники Хејли, меѓусебно се обвинуваа во дебата каде што политиката се измеша со навреди додека се обидуваа да се претстават како најдобра алтернатива на замена за Доналд Трамп, неколку дена пред првото гласање за републиканскиот претседателски кандидат за Соединетите Американски Држави.
Бидејќи поранешниот претседател Доналд Трамп повторно отсуствуваше од сцената, неговите ривали го фокусираа најголемиот дел од својата „муниција“ еден на друг, наместо на очигледниот фаворит во трката.
„Не ни треба друг мрзлив политичар кои само ќе ни каже што мисли односно тоа што вие сакате да го слушнете, само да се обиде да го добие вашиот глас, а потоа да биде избрана и да ги исполни барањата на нејзините донатори“, порача Рон ДеСантис.
Ники Хејли се осврна на веб-страницата што ја создаде нејзината кампања за да документира, како што вели, десетици лаги од Рон ДеСантис, а во еден момент го нарече – „толку очаен“.
Двајцата ривали се во сè пожестока битка пред прелиминарните избори во понеделник во Ајова, бидејќи истекува времето да се запре маршот на Доналд Трамп кон републиканската претседателска номинација.
Поранешниот претседател на САД има поддршка од 49 отсто од републиканците во националната анкета на медиумската агенција Reuters објавена во средата, далеку пред Ники Хејли на второто место со 12 отсто.
По петти пат, Доналд Трамп ја прескокна дебатата и наместо тоа се појави на панелот на Fox News, каде што доби шанса да ги искаже своите ставови во прајм-тајм пред гледачите на телевизијата.
Републиканската дебата се одржа само неколку часа откако поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, жесток критичар на Доналд Трамп, објави крај на сопствената претседателска кампања откако доби мала поддршка од републиканските гласачи.
„Претпочитам да изгубам кажувајќи ја вистината, отколку да лажам за да победам“, истакна Крис Кристи пред публиката во градското собрание во Виндам, критикувајќи ги своите ривали дека не успеале подиректно да се соочат со Доналд Трамп.
Ники Хејли и Рон ДеСантис беа благо критички настроени кон Доналд Трамп на прашањето дали нестабилниот поранешен претседател има „карактер“ да биде претседател.
„Се согласувам со многу од неговите политики, но неговиот начин не е мој начин“, вели Ники Хејли и додава: „Немам желба за одмазда, не ги сфаќам работите лично“.
Рон ДеСантис наведе неколку примери на предизборни ветувања за кои кажа дека Доналд Трамп не ги исполнил:
„Мексико да плати за ѕидот на јужната граница, да ја намали корупцијата во Вашингтон и да го намали федералниот долг“, кажа тој и го обвини Доналд Трамп што не депортирал повеќе мигранти кои илегално ја минале границата.
Подоцна, Ники Хејли го критикуваше Доналд Трамп дека на 6. јануари 2021 година – кога про-Трамп толпи упаднаа во американскиот Капитол – го нарече „убав ден“ и несигурно кажа дека ги загубил изборите во 2020 година, и покрај неговите повторени лажни тврдења за измама на гласачите.