Доналд Трамп сака да забрани патување во Америка за луѓе од 36 други земји

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува значително проширување на своите ограничувања за патување, со што потенцијално ќе им се забрани влез во САД на граѓаните на дополнителни 36 земји, според интерен меморандум на Стејт департментот во кој Ројтерс имаше увид.

Порано овој месец, републиканскиот претседател потпиша проглас со кој се забранува влез на граѓани од 12 земји, велејќи дека овој потег е неопходен за заштита на САД од „странски терористи“ и други закани за националната безбедност.

Директивата е дел од поширока антиимиграциска акција што ја започна Трамп оваа година на почетокот на неговиот втор мандат, што вклучуваше депортирање на стотици Венецуелци осомничени за членови на банди во Ел Салвадор, како и напори да им се одбие прием на некои странски студенти на американските универзитети, додека други се депортирани.

Во интерен дипломатски меморандум потпишан од американскиот државен секретар Марко Рубио, Стејт департментот наведе десетици загрижености во врска со дотичните земји и побара да се преземат корективни мерки.

„Министерството идентификуваше 36 земји кои се предмет на загриженост и на кои би можело да им се препорача делумно или целосно суспендирање на влезот доколку не ги исполнат утврдените стандарди и барања во рок од 60 дена“, се вели во писмо испратено за време на викендот.

Меѓу причините што ги наведува Стејт департментот е недостатокот на надлежни или соработливи органи во некои од наведените земји за издавање сигурни документи за идентификација. Друга причина беше „сомнителната безбедност“ на пасошите на тие земји.

Некои земји, се вели во меморандумот, не соработувале во олеснувањето на депортацијата на нивните граѓани од САД откако им била наредена депортација. Исто така, беше наведено дека граѓаните на некои земји ги злоупотребуваат американските визи со пречекорување на рокот на престој.

Други причини за загриженост се вмешаноста на државјани на овие земји во терористички акти во САД, како и антисемитски и антиамерикански активности.

Земјите кои би можеле да се соочат со целосна или делумна забрана за влез доколку не ги решат проблемите во следните 60 дена се: Ангола, Антигва и Барбуда, Бенин, Бутан, Буркина Фасо, Зелен ’Рт, Камбоџа, Камерун, Брегот на Слоновата Коска, Демократска Република Конго, Џибути, Доминика, Етиопија, Египет, Габон, Гамбија, Гана, Киргистан, Либерија, Малави, Мавританија, Нигер, Нигерија, Свети Китс и Невис, Света Луција, Сао Томе и Принсипе, Сенегал, Јужен Судан, Сирија, Танзанија, Тонга, Тувалу, Уганда, Вануату, Замбија и Зимбабве.

Тоа би претставувало значително проширување на забраната што стапи на сила претходно овој месец. Засегнатите земји во тоа време беа: Авганистан, Мјанмар, Чад, Република Конго, Екваторска Гвинеја, Еритреја, Хаити, Иран, Либија, Сомалија, Судан и Јемен.

Влезот на лица од седум други земји – Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела – е исто така делумно ограничен.

За време на неговиот прв мандат, Трамп објави забрана за патување за граѓани на седум земји со претежно муслиманско население, политика која помина низ неколку ревизии пред да биде одобрена од Врховниот суд во 2018 година.