Доналд Трамп: “Штом победам, ќе ја вратам забраната за влез на државјани од муслимански земји во САД!“
Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во саботата за време на конвенција на еврејските републиканци вети дека, доколку биде реизбран во Белата куќа, ќе ја врати забраната за влез во САД на граѓаните од земјите со мнозинско муслиманско население.
„Ќе ги држиме терористите на радикалниот ислам надвор од нашата земја“, им рекол Доналд Трамп на присутните на годишниот самит на Републиканската еврејска коалиција.
„Се сеќавате на таа забрана, јас ќе ја вратам уште првиот ден“, тврди Доналд Трамп.
На почетокот на неговиот мандат во 2017 година, Доналд Трамп воведе ограничувања за влез во САД на државјани на Иран, Либија, Сомалија, Сирија, Јемен, Ирак и Судан.
Забраната брзо беше оспорена на суд како дискриминаторска кон религиозните групи, но заедно со тврдокорната антиимиграциска агенда на Доналд Трамп, таа беше популарна со неговата изборна база.
Претседателот на САД, Џо Бајден, ја укина забраната во неговата прва недела во Белата куќа во 2021 година.
Поранешниот домаќин на Белата куќа беше еден од неколкуте истакнати републиканци кои се појавија на собир на влијателни еврејски донатори за да изразат непоколеблива поддршка за Израел во неговата војна против Хамас.
На собирот во Лас Вегас, Невада, Доналд Трамп порача дека „ќе го брани Израел како никој досега“.
„Конфликтот меѓу Израел и Хамас е борба меѓу цивилизацијата и дивјаштвото, граѓанството и развратот и меѓу доброто и злото“, вели Доналд Трамп.
На собирот Доналд Трамп ја нападна администрацијата на Џо Бајден, но исто така се воздржа од критикување на своите ривали.
Поддршката за Израел е од големо значење за двете страни во САД и е едно од ретките прашања на американската надворешна политика што игра улога во анкетите поради, меѓу другото, големиот број гласачи со еврејско потекло и важноста за евангелски христијани за кои постоењето на еврејска држава е предуслов за „второто доаѓање“ на Исус Христос.