Белгија од нова година станува првата членка на Европската унија која ја забрани продажбата на електронски цигари за еднократна употреба (vapes).
Забраната се воведува поради загриженоста за нивната широка употреба кај децата, како и нивното штетно влијание врз животната средина.
Иако штетното влијание на електронските цигари сè уште не е целосно истражено, поради слаткиот вкус и примамливиот мирис, со конзумирање се внесуваат големи количини на никотин, кој предизвикува зависност, а токму тие вкусови и мириси ги привлекуваат малолетниците.
Покрај тоа, електронските цигари за еднократна употреба имаат штетно влијание врз животната средина бидејќи содржат хемикалии, имаат батерија и се направени од пластика. Франција и Германија размислуваат и за построги мерки, по примерот на Белгија.
„Електронските цигари за еднократна употреба се дизајнирани да привлечат млади луѓе, да привлечат нови корисници кои можеби никогаш не пушеле“, изјави белгискиот министер за здравство Франк Ванденброук за Ројтерс.
Поддржувачите на електронските цигари велат дека можат да им помогнат на луѓето да се откажат од пушењето традиционални цигари, но тамошните здравствени власти се загрижени дека нивните разнобојни дизајни и овошни вкусови им се допаѓаат на децата, иако им е забрането да се продаваат на помлади од 18 години.
Белгиската федерација за малопродажба на електронски цигари, VapBel, изрази незадоволство од новата одлука на владата и апелираше да се изземат специјализираните продавници за електронски цигари од новата забрана.
VapBel истакнува дека специјализираните продавници играат важна улога во контролирањето на возраста на клиентите и им даваат информации на возрасните пушачи за електронските цигари, кои можат да помогнат во процесот на откажување од пушење.
И Германија и Франција работат на забрана на електронските цигари за еднократна употреба.
Велика Британија, која повеќе не е членка на ЕУ, ќе ја забрани нивната продажба од јуни следната година.