– Околу 175.000 мигранти поднеле барање за азил во Германија во периодот од јануари до јули оваа година, соопшти Владата во новиот извештај објавен денес.
Бројот на барања за азил е зголемен за речиси 78 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат најновите податоци на Федералната канцеларија за миграции и бегалци (BAMF).
Сиријците и Авганистанците се двете најголеми групи баратели на азил, со 51.692, односно 31.334 барања.
Од јануари, германските власти разгледале над 153.912 барања за азил, а 51,7 отсто од апликантите добиле статус на бегалци или супсидиерна заштита.
Германија, која е најголемата економија во Европа, останува главна дестинација за мигрантите и барателите на азил кои пристигнуваат во Европската Унија.
Министерот за внатрешни работи на покраината Баварија, Јоаким Херман, претходно изјави дека бројките може дополнително да се зголемат во наредните месеци и да достигнат до бројка од 400.000 баратели на азил до крајот на годината.
Локалните власти се жалат дека немаат доволно ресурси за да обезбедат домување и социјална поддршка за новодојдените баратели на азил.
Во 2022 година, Германија прими четвртина (25 отсто) од барањата за азил во ЕУ, а потоа следат Франција (16 отсто), Шпанија (12 отсто), Австрија (11 отсто) и Италија (9 отсто).