Доскорешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, стана газда на фирма од Скопје

Додека е на тапет кај Државната комисија за спречување на корупција, доскорешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, заедно со својот син Никола Ковачевски ја презедоа Елтек Доо увоз-извоз Скопје, една од водечките компании во областа на енергетиката, електротехниката, далечинското управување и проектирање во Македонија.

Во април поранешниот пратеник од Битола и еден од најекспонираните функционери за време на енергетската криза си даде оставка од лични причини на позицијата генерален директор во државните електрани, а за кратко време потоа беше демантирано дека ќе биде испратен како нов амбасадор во Париз.

Надзорниот одбор на ЕСМ го назначи Васко Ковачевски за претседател на Управниот одбор и за генерален директор во јули 2019 година, функција на која дојде од местото директор на РЕК „Битола“, каде беше назначен во јануари 2018 година. Неодамна неговото место во ЕСМ го презеде Васко Стефанов.

– Јас останувам во Македонија и заедно со синот, бидејќи реков дека ќе се посветам на семејството, ќе ја водиме оваа фирма која нуди услуги за проектирање на енергетски објекти и одржување на инсталации во енергетиката. Амбициите остануваат исти со моето доаѓање. Станува збор за компанија формирана од 1992, ни изјави Ковачевски.

„Елтек“ работи на изградба и реконструкција на трансформаторски станици, далечинско управување со нив, проектира и изведува далноводи, а работи и на изградба на мали хидроцентрали. Оваа компанија, како што може да се види, во јавниот сектор најмногу соработувала со МЕПСО.

Ковачевски од пред неколку дена ја презема оваа фирма од досегашниот сопственик „Ембер Нетворк“ од Битола, за која малку се знае во јавноста, како и од „Ембер Тим“, која е на иста адреса со неговото место на живеење.

Инаку вчера Државната комисија за спречување на корупција покрена иницијатива за одговорност против Ковачевски и други службени лица вработени во ЕСМ и во Министерството за економија, кои биле дел од Комисијата за спроведување на набавката на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Антикорупционерите утврдиле низа сомнежи за неправилности во постапката, односно дека со анекси на договорите, на РКМ ѝ било овозможено да испорача помалку мазут за повеќе пари од првично договореното. Се сомневаат дека функционерите несовесно работеле и ја злоупотребиле службената должност, со што предизвикале пораст на цената на мазутот, и му овозможиле поголем профит на РКМ.