Дојранското Езеро, едно од најзначајните природни богатства на Македонија, до крајот на годината ќе добие нова пречистителна станица која ќе обезбеди модерно и ефикасно прочистување на отпадните води. Според податоците од истражувањето на водите од 2021 година, езерото беше изложено на сериозно загадување со тешки метали и фекалии, што наметна итна потреба за преземање мерки.
-Новата пречистителна станица е капитален проект за нашата општина и за заштитата на езерото. Со ова ќе го решиме долгогодишниот проблем со загадувањето од отпадните води, кои директно влијаат врз живиот свет и врз квалитетот на водата, изјави градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.
Старата пречистителна станица, изградена пред повеќе од 40 години, работела со застарени методи кои не обезбедувале задоволително прочистување и предизвикувале високи трошоци за електрична енергија.
-Оваа стара технологија веќе не одговараше на нашите потреби. Физибилити студијата покажа дека најдобро решение е изградба на нова, модерна и софистицирана станица, која ќе обезбеди подобар квалитет на прочистените води и ќе генерира помали трошоци, истакна Ангов.
Проектот, вреден 4,5 милиони евра, е поддржан од словенечката амбасада и од претходната Влада. Средствата овозможија и реконструкција на колекторскиот систем, како и на канализациската мрежа во околните населби кои со подземните води директно или индиректно го загадуваат езерото.
-Со истиот проект ја реконструиравме целата канализациска мрежа и го обновивме колекторскиот систем со современа технологија, што ќе обезбеди дополнителна заштита на езерото. Една од следните задачи што стојат пред нас е изградба на канализација во селото Николиќ, за што веќе имаме подготвени проекти и активно бараме финансиски средства, рече градоначалникот.
Изградбата на новата станица започна во мај годинава и е предвидено да биде завршена до крајот на годината. Тоа ќе биде чекор напред во зачувувањето на Дојранското Езеро, но и во намалувањето на трошоците за електрична енергија преку воведување на енергетски ефикасни технологии.
-Новата станица ќе биде делумно поддржана од фотоволтаична централа, што ќе биде сопственост на комуналното претпријатие. Оваа инвестиција ќе помогне да ги намалиме оперативните трошоци и да обезбедиме еколошка одржливост, објасни Ангов.
Со овој проект, општина Дојран покажува силна посветеност кон заштита на своето најголемо природно богатство и кон обезбедување на чиста и здрава средина за сегашните и идните генерации.