Обединетите нации (ОН) процениле дека во 2050 година шесте земји од Западен Балкан ќе имаат околу три милиони жители помалку од денес, дека Србија ќе има најголема загуба во апсолутни бројки, а процентуално, Босна и Херцеговина и Албанија предничат, кои до средината на векот ќе загубат повеќе од 20 отсто од своето население.
Наместо минатогодишните 16.977.000, Западен Балкан во 2050 година ќе има 13.975.000 жители, проценува Радио Слободна Европа повикувајќи се на податоците од ОН.
Србија, која лани имаше 6.788.000 жители, во 2050 година ќе има 5.554.000 или околу 1,2 милиони жители помалку. Доколку се остварат проценките, тоа би било пад од 18,2 отсто, пишува РСЕ.
Босна и Херцеговина од 3.194.000 ќе се намали на 2.469.000 жители, што е намалување за 22,7 отсто, а Албанија од 2.822.000 на 2.251.000 жители, што е намалување за 20,2 отсто.
Северна Македонија наместо 1.836.000 ќе има 1.519.000 жители, што е пад од 17,3 отсто, додека Црна Гора наместо 628.000 ќе има 535.000 или 14,8 отсто помалку.
Според проценките на ОН, Косово ќе забележи најмало намалување, од 1.709.000 на 1.647.000, односно само 3,6 отсто.