– Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) информира дека е континуирано на терен и врши надзори со сите свои расположливи ресурси, како за одлуката за замрзнување на цената на лебот на 33 денари, така и за решението што ги обврзува трговците да доставуваат и продаваат леб.
Во изминатите два дена, како што соопштија денеска од ДПИ, проверени се над 460 економски субјекти, а забележано е дека цената на белиот леб се движи од 25 до 33 денари.
– Дури на некои места, леб со поголема грамажа од предвидената во Одлуката се продава по 33 денари. Генерално се почитува владината Одлука за замрзнување на цената на лебот до 33 денари, но имаше и такви трговци кои ја прекршиле оваа Одлука, за што беа изречени казни во висина од над 300.000 денари, се наведува во соопштението.
Од ДПИ најавуваат дека е континуирано на терен со сите свои расположливи ресурси и ќе врши надзори каде ќе утврдува која е минималната количина на лебот што ја опфаќаат Одлуките на Владата, која на дневна основа мора да се набавува и продава од страна на трговците и ќе ја контролира крајната продажна цена до 33 денари.- Ако се утврди прекршување на Одлуките, ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија! Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор. Затоа апелираме да се почитуваат Одлуките, а ние како институција постојано сме на терен, постапуваме по Одлуките и останатите наши надлежности, се додава во соопштението од ДПИ.