ДРАМАТА ВО МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД ПРОДОЛЖУВА – Го платија 85 милиони евра, а денес тренира со јуниорскиот тим: На Џејдон Санчо му е забранет пристап и до клупскиот ресторан !?

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Џејдон Санчо, падна во немилост на тренерот Ерик Тен Хаг.

Холандскиот стручњак ја исфрли ѕвездата на Манчестер Јунајтед од тимот и му забрани пристап до сите клупски соби наменети за првиот тим.

Кога во летото 2021 година пристигна од Борусија Дортмунд во трансфер вреден околу 85 милиони евра, навивачите веруваа дека англискиот репрезентативец во иднина ќе биде големо засилување и предводник на тимот. Сепак, Џејдон Санчо не ги оправда големите очекувања.

Момчето кое на 137 натпревари за Борусија Дортмунд постигна 50 гола и 64 асистенции, целосно „изумре“ кај Манчестер Јунајтед. За клубот од „Олд Трафорд“ на 82 натпревари постигна само 12 гола и забележа шест асистенции.

Сезонава на теренот мина само 76. минути, а на последните натпревари не беше ниту дел од тимот. Ерик Тен Хаг објасни дека причината е недоволно ангажирање на тренинзите.

Ова го налути Џејдон Санчо, кој на социјалните мрежи ги демантираше тврдењата на холандскиот стручњак и кажа дека е – „жртвено јагне“.

Поради неговата најава тој го загуби местото во тимот и сега тренира со јуниорскиот тим. Daily Mirror открива дека добил забрана за влез во сите објекти за првиот тим, вклучувајќи го и ресторанот на клубот, додека не му се извини на Ерик Тен Хаг.

Весникот пишува дека Џејдон Санчо постојано доцнел на тренинзите пред јавната расправија со Ерик Тен Хаг и дека тоа е една од причините поради која бил исфрлен од првиот тим.

Медиумите шпекулираат дека младиот фудбалер би можел да го напушти „Олд Трафорд“ веќе во јануари и дека Манчестер Јунајтед е подготвен да прифати намалена цена за англискиот репрезентативец.