Драмата во соседството продолжува – нови дојави за бомби низ училиштата во Србија: Учениците се евакуираат, а полицијата врши претрес
Денес, седум основни училишта на територијата на Нови Сад, Србија, добиле анонимни дојави за поставени бомби во тие образовни институции, објавуваат соседните медиуми.
Во утринските часови, како што пишуваат српските медиуми имало дојава за поставена бомба во Машинско-сообраќајното училиште во Чачак, исто така, дојави за бомби биле примени и на Економскиот факултет и Гимназијата во Крагуевац, како и во седум основни училишта во Нови Сад.
„На самиот почеток на првиот час, вработените ни рекоа да ги напуштиме клупите и да излеземе од училниците. Целото училиште излезе надвор, додека не дојде полицијата. Само првиот час не се одржа“, изјавил еден од учениците за локалните српски медиуми, кој посетувал училиште во Чачак.
На местото на настанот пристигнале припадници на МВР на Србија кои извршиле претрес во просториите и констатирале дека се работи за лажна пријава. Набргу по увидот, наставата во ова училиште продолжила.
Како што потврдил извор од новосадската полиција за весникот Blic.rs, основните училишта „Прва Војводина Бригада“, „Коста Трифковиќ“, „Соња Маринковиќ“, „Душан Радовиќ“, „Алекса Шантиќ“, „Иван Гундулиќ“ и „Жарко Зрењанин“, биле мета на дојави за бомби. Српските медиуми јавуваат дека припадниците на Специјалната единица за деминирање на новосадската полиција е на терен и врши претрес во просториите на споменатите училишта.